Фаренхајт 451
Кога Michael Moore го направи својот филм за деградацијата на човечките права и слободи во САД по нападите од 11-ти септември, го нарече филмот Fahrenheit 9/11 – температура на која гори слободата. Овој наслов е омаж на едно постаро дело – Fahrenheit 451, книга во која се прикажува дејството кое еден тоталитарен систем може да го има на своите субјекти.
Авторот на ова дело кое внесе човечка димензија во ладната и пресметана машинерија на тоталитаризмот е големиот бард на “меката” научна фантастика, Реј Бредбери. Далеку од тоа дека Бредбери прв ја обработи темата за тоталитаристичка дистопија, 1984-та на Орвел и Храбриот Нов Свет на Хаксли се значајни претходници, но значењето на ова дело е во количината на топла човечка вредност која Бредбери ја внесе во ликовите од книгата, во прв ред, преку главниот лик – Гај Монтаг, пожарникар.
Гај Монтаг живее и работи во некоја неодредена, но блиска иднина, иднина во која куќите отсекогаш биле огноотпорни, како што тој сам ќе каже. Работа на пожарникарите е и отсекогаш била горењето на книгите. Додека неговите другари се сосема среќни и задоволни во нивната работа – горење книги денски, гледање телевизија навечер – кај Гај полека се јавува мислата дека тој всушност и не е среќен со својот живот, дека е само неважно штрафче во машината на системот, дека му недостасува свое сопствено јас.
За разлика од него, неговата сопруга и шеф, низ чии ликови е претставен системот, се сосема среќни и задоволни со едно вакво поставување на работите. Жената на Гај, Милдред, можеби и е незадоволна од својот живот, но таквите чувства се толку длабоко закопани во неа, што од неа останува само лушпа лишена од емоции и интелект. Единствена страст која ја има е кон животот на фамилијата од телевизиското шоу. Капетан Бити, шефот на Гај, поставен како спротивност на слепата покорност, е човек кој ја знае вистинската суштина на работите, свесен е за својата улога во поголемата слика, но тоа прави само со поголема страст да се фрли на уништување на книгите, кон кои сепак чувствува и одредена симпатија.
Оваа книга ни го покажува патот на спознание низ кој поми-ува Гај и на кој му се испречува системот како врховен непријател, неговата трансформација од послушен, но несреќен човек, во човек кој ќе биде способен да издигне нов, подобар систем од пепелта на претходниот. Нема да го опишувам дејството, само ќе кажам уште еднаш дека книгата има специфичен Бредбериевски шмек, така да колку и да опишувам што, кој и како, се додека не се земе во рака да се прочита ова ремек дело, исто како да не сум го ни спомнал.
Во 1966-та година, големиот француски режисер François Trufaut снима филм по оваа книга, неговиот единствен на англиски јазик. Гај Монтаг е претставен преку Oskar Werner, еден од најдобрите театарски европски глумци, додека Julie Christie игра двојна улога, жената на Монтаг, како и младата Клариса, жената која му ги отвара очите на Монтаг. Иако често сум амбивалентен кон филмовите кои се направени врз основа на некоја од моите омилени книги, за овој филм не можам да кажам доволно пофални зборови. Иако се изменети некои моменти, сепак зачувано е тоа што овде е најбитно, со зборовите на самиот Бредбери, “душата и суштината на делото”. И во вистински дух на општеството кое е опишано, ако книгата ви е предолга или прелирска, слободно побарајте го филмов на најблиската P2P мрежа, вреди на него да се потрошат двата саати.
П.С. Веќе десетина години во Холивуд се спрема римејк, се спомнуваат имиња како Мел Гибсон, Том Круз, Френк Дарабонд, Том Хенкс. Ако некогаш конечно успеат да го снимат, со Дарабонд зад режисерското столче, ќе го гледам сигурно. Дали ќе ми се допадне, е веќе друга приказна.
